Нада Прља Да си одам или да останам?, 2008, инсталација
Нада Прља Да си одам или да останам, 2008, инсталација/перформанс
Проектот Should I Stay or Should I Go? (Да останам или да си одам?) на Нада Прља се бави со бруталните социо-економски процеси на неправедно искористување на работниците на релација богати и развиени и сиромашни и неразвиени општества, како и со длабоките егзистенцијални и морални судири кои произлегуваат од овие разлики во денешниот глобален свет. Како дел од перформансот презентиран на денот на отворањето на изложбата, група вработени во конфекцијата Макџинс од Скопје и уметникот, Нада Прља, ќе работат на производство на маици, претворајќи го просторот на Музејот во вистинска производна сала. Дилемата во насловот Да останам или да си одам? ја претставува дилемата на изборот меѓу безработицата, неизвесната егзистенција, безперспективноста, и големите очекувања за подобра иднина проследени со емигрантската мака на оттуѓеност и отфрленост на вечниот странец во туѓата средина. Поаѓајќи од сопственото искуство, Нада Прља ќе ја претстави емигрантската реалност преку четири видео дела работени во Лондон, во кои ги прикажува тешкотиите и разочарувањата во обидот на прилагодување на туѓата средина, но и на неприфаќањето на емигрантот од страна на оние со кои тој/таа се разликува од нив .
Нада Прља е родена 1971 во Сараево. Од 1981 живее во Скопје, а од 1999 таа живее и работи во Лондон. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Магистрирала на Кралскиот колеџ во Лондон.
Нада Прља во своето дело се бави со комплексни политички и социјални состојби во современиот свет. Досега има излагано во INIVA, Институтот за Интернационални визуелни уметности во Лондон; во Contemporary Art Platform, London; OPTICA, Spain; Националната галерија на Македонија; SCCA, Алмати, Казахстан; Artneuland, Берлин; Erste Bank, Виена, Тејт Галеријата во Лондон и др. За нејзините дела се објавени текстовио во Flash Art, Artreview, Time Out, Art News, Third Text, и други меѓународни списанија.